Русија изврши ракетен напад врз Киев, соопшти во понеделникот украинската војска, додека командата на полската армија објави дека полските и сојузничките авиони биле активирани поради руските воздушни напади во Украина.
Украинските единици за воздушна одбрана се ангажирани во одбивањето на руски ракетен напад врз Киев, објавија во понеделникот украинските воени претставници на апликацијата за пораки Телеграм.
Очевидци на Ројтерс во Киев слушнале неколку силни експлозии кои звучеле како противвоздушен оган.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Киев бил погоден со балистички ракети рано денеска, додека градските власти соопштија дека единиците за воздушна одбрана ги одбиваат нападите.
Во нападот делумно е уништена фабрика за водоснабдување во киевскиот кварт Холосивски, објави на Telegram градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко. Службите за итни случаи интервенирале во неколку градски квартови, вклучително и во областа Соломјански, каде што се наоѓаат главната железничка станица и главниот аеродром во Киев, како и во историскиот кварт Свјатошински, соопштија градските власти.
Во регионот Сума нападнат е центар за социјална и психолошка рехабилитација на деца и дом за напуштени деца. Според првичните информации, повредени се тринаесет лица. Меѓу нив има деца, 7-годишно момче и 13-годишно девојче.
Нападот се случи точно една недела откако Москва лансираше повеќе од 200 проектили и беспилотни летала во Украина, при што загинаа седум лица и погодија енергетски објекти низ целата земја во, како што Киев го нарече „најмасовниот“ напад во војната.
Полските и сојузничките авиони беа активирани рано во понеделникот за да се обезбеди безбедност на полскиот воздушен простор откако Русија започна воздушни напади во Украина, соопшти командата на полските вооружени сили.
„Во југоисточниот дел на земјата може да има зголемено ниво на бучава во врска со почетокот на операциите во нашиот воздушен простор од полски и сојузнички авиони“, објави командата на социјалната мрежа Х.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина.