Понудивме конкретни решенија кои доколку Мицкоски ги прифатеше ќе значеа дека навистина се грижи за Скопје и скопјани, велат од Град Скопје, откако од Владата соопштија дека премиерот Христијан Мицкоски нема да излезе во пресрет на барањето на градоначалничката Данела Арсовска за набавка на автобуси.
Оттаму ја повикаа Арсовска да почне да си ги врши обврските. Од Град Скопје велат дека Мицкоски само сака да создаде конфликт.
„Добро е што наместо конструктивност, од Владата одлучија да се служат со селски итроштини. Повторно врз грбот на граѓаните на градот Скопје и вработените во градските институции“, додаваат од Град Скопје во реакцијата на одговорот на отвореното писмо за премиерот Мицкоски.
Велат дека ратата за кредитот со кој ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот градоначалник, Петре Шилегов набавиле автобуси е платена во текот на изминатата недела.
Од сметката на Град Скопје префрлени се средства на Министерството за финансии.
„Втората лага е дека нема да возат приватните превозници. Имено, од трите пакети со кои оперираат приватни превозници нема да возат само оние автобуси чии претставници се политички мотивирани од ВМРО-ДПМНЕ да креираат дополнителен хаос за скопјани, а за кои градот Скопје отпочна постапка за надомест за штета. Со ова повторно се докажува намерата на оваа власт за предизвикување на хаос врз грбот на граѓаните на градот Скопје“ – стои во реакцијата од Град Скопје.