Уривањето на познатиот хотел „Југославија“ ќе започне денеска, пишува белградски „Блиц“. Од некогашниот симбол на луксуз и престиж ќе остане само легендарниот лустер, кој своевремено влезе во Гинисовата книга на рекорди.
Како што истакна за „Блиц“, Предраг Петровиќ, маркетинг-директор на „МВ Инвест проект хотел ’Југославија’“, „тоа ќе биде проект што ќе значи не само за Земун туку и за цел Белград“. Тој исто така опиша како ќе изгледа зградата во иднина.
– Зборуваме за две кули, едната е станбена, другата деловна. Хотелот „Југославија“ ќе биде симбол и на Белград и на Земун – појасни Петровиќ.
Хотелот „Југославија“, како најголем хотел на поранешната држава, беше отворен во 1969 година, повеќе од дваесет години откако првата награда на споменатиот конкурс им беше доделена на Хорват, Каузлариќ и Остроговиќ.
За време на неговите славни денови, државници и ѕвезди како британската кралица Елизабета Втора, астронаутот Нил Армстронг и американските претседатели Ричард Никсон и Џими Картер престојуваа во хотелот, кој порталот „Погледај.то“ го опиша како „место на заедничка меморија на цела земја што денес не постои“.
Поради репрезентативноста на хотелот, големо значење се придавало на ентериерот, изборот на мебел, разни предмети и галантерија, пишува „Градња“.
Можеби најзабележителен детаљ е правоаголниот лустер направен од 40.000 кристали „сваровски“. Извесен период ја држеше титулата најголем лустер „сваровски“ во светот.
Економскиот колапс го чинеше хотелот две од петте ѕвезди, а во 1999 година беше бомбардиран од НАТО.
Во последните две децении се користи во контекст на сервисни и забавни активности.
На грандиозното отворање на хотелот црвената лента ја пресекол лично Јосип Броз-Тито. Така, покрај хотелско-туристичкото значење, објектот имал цел да ги покаже силата и финансиската моќ на државата, како и политичката влијателност.
На отворањето, лустерот што се наоѓа пред свечената банкет-сала е впишан во Гинисовата книга на рекорди како најголем лустер „сваровски“ во светот. Сега тој веќе не ја носи таа титула, но долго време било така. Со должина од 30, ширина од пет метри, во форма на правоаголник, и тежина од 14 тона, тој се состои од 40.000 кристали „сваровски“ и 5.000 светилки.
Во хотелот „Југославија“ престојувале и Моамер Гадафи, Тина Тарнер, Кевин Костнер и многу други. Лустерот ја преживеал ноќта помеѓу 7 и 8 мај 1999 кога е бомбардирана блиската зграда на кинеската амбасада.
Хотелот „Југославија“ е изграден по проект на архитектот Лавослав Хорват. Од идејата до конечната реализација поминале речиси 20 години. Главната зграда има седум ката, а особено импозантна била внатрешноста на хотелот со 1.500 простории, 1.100 кревети и вкупно 600 соби и 23 апартмани.
Ресторанот имал повеќе од 800 места и незаборавен поглед на Дунав.