Познат скопски супермаркет казнет поради продажба на небезбедна храна, казнета и месарница
Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека биле направени засилени инспекциски контроли согласно со нивниот годишен план. Од АХВ посочија дека казна од 600 евра и 300 евра во денарска противвредност, била изречена на месарница во Скопје поради пласирање на пазарот на небезбедна храна, поточно храна без и со нечитки декларации како и за невршење на задолжителни лабораториски тестирања.
„Познат скопски супер маркет казнет е со 1000 евра за правното и 400 евра во денарска противвредност за одговорното лице поради продажба на небезбедна храна – храна без и со нечитки декларации, невршење на задолжителни лабораториски тестирања. Истиот оператор дополнително е казнет со иста казна ( 1000 евра за правното и 400 евра за одговорното лице ) бидејќи продавал и производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната без за тоа да има добиено одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство“, се вели во соопштението
Од АХВ додаваат дека била спроведена вонредна инспекција и надзор во Битола. Поради продажба на недекларирано месо од различни видови и категории, пласман на неозначена храна и продажба на храна со поминат рок, на ресторан во овој град изречена му е прекршочна санкција и издадено му е решение за отстранување на утврдени недоследности. Затекнатата небезбедна храна во количина од 40 килограми е нештетно уништена.