Николоски: Со нов Закон ќе ја довршиме изградбата на автопатот Кичево – Охрид
Владата донесе нов Закон за измена и дополнување на Законот за реализација на автопатот Кичево – Охрид, кој што се надевам дека следната недела ќе го усвои македонското собрание и со тој Закон ќе биде решен еден од основните проблеми за реализација на автопатот Охрид – Кичево.
Ова денеска го истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт – Александар Николоски.
Законските измени се во делот на техничките карактеристики на асфалтот што се користи за финализирање на завршните слоеви на автопатската делница, прилагодени на домашните геолошки услови.
„Сите проблеми што ги видовме се настанати како резултат на неодговорното работење на претходната влада. Законските измени се во делот на техничките карактеристики на асфалтот што ќе се користи. Правимe прилагодување на македонските услови. Асфалт не може да се носи повеќе од 100 км од местото каде што е произведен што значи дека мора да се користи локална оператива и се прилагодуваме на геологијата односно на наоѓалиштата што се користат во изработката на асфалт. Со гласање на овој Закон веднаш започнуваме со асфалтирање на финалните делови на одредени делници и да бидам поконкретен веќе следната пролет да имаме делови од автопатот кои што ќе бидат целосно ставени во функција. Очекувам до рокот до крај на 2026 година да имаме конечно завршен автопат“, изјави Николоски.
Министерот истакна и дека се решаваат наследените проблеми со експропријацијата, објектите што се на траса, како и со свлечиштата.