Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека наскоро ќе биде променет составот на македонската страна во Заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.
Тој не изнесе детали, но според него, актуелната мешовита комисија не ги оправдала очекувањата и не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ.
Но, според ко-претседателот на Комисијата од македонска страна, академик Драги Ѓоргиев, со таква изјава се внесува многу политика во комисијата и дека работата на оваа комисија е погрешно сфатена.
Академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ, во изјава за „Локално.мк“ рече дека на политичко ниво се заострени односите и во овој случај тоа многу силно ќе се отслика и во самата Комисија.
„Лично мислам дека нема да бидат во полза на решавање на ситуацијата со оглед на тоа што како се сфаќа работата на комисијата, односно дека тоа е условно речено војна меѓу Бугарија и Македонија за националниот идентитет“, рече Ѓорѓиев.
Тој истакна дека тоа не е суштината на оваа комисија, но очигледно таквото сфаќање ќе направи уште поголем јаз меѓу двете држави.
„Зависи и на кое ниво ќе биде подигната или третирана работата на комисијата, но мислам дека ќе биде политички злоупотребувана“, изјави Ѓорѓиев за Лоикално.мк.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.
Оваа година се одржани три состаноци на Комисијата, а работата веќе неколку години е заглавена на содржината на учебниците по историја во основните училишта, кои го обработуваат периодот на Средниот век.