Радев ги закажа вонредните парламентарни избори за 27 октомври – избрана е и новата преодна влада во Бугарија

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска ги закажа вонредните парламентарни избори за 27 октомври годинава, кои ќе бидат седми избори во последните три години, пренесува бугарската агенција БТА.

Покрај тоа, Радев потпиша и указ за именување нова преодна влада, чиј состав е предложен од Димитар Главчев, кој е номиниран за привремен премиер.

Разликата меѓу новата и старата привремена влада на Главчев е разрешувањето на министерот за внатрешни работи Калин Стојанов, на чие место ќе дојде актуелниот шеф на Националната полиција Атанас Илков.

Покрај премиерската функција, Главчев нема да ја извршува и функцијата министер за надворешни работи. Нов шеф на бугарската дипломатија ќе биде Иван Кондов, поранешен заменик-министер за надворешни работи.

Во преодната влада има и еден вицепремиер, а тоа е министерката за финансии Људмила Петкова

Инаку, Бугарија не успева да формира стабилна влада уште од 2020 година откако протестите против корупцијата ја соборија владејачката коалиција предводена од партијата ГЕРБ.

По последните избори на 9 јуни ГЕРБ, партијата Продолжуваме со промените и Има таков народ не успеаја да формираат влада.

Според анализите, на Бугарија ѝ треба стабилна и функционална влада за да може го забрза финансирањето од ЕУ, да ја внесе земјата во еврозоната и целосно да се приклучи во Шенген-зоната. Како што оценуваат тамошните познавачи, новите избори можат да го зголемат ризикот од дополнителни одложувања.

Плановите за приклучување кон еврозоната досега веќе двапати беа одложени поради инфлацијата, а новиот датум за пристапување е 25 јануари 2025 година.