Мајката и сестрата на Мараја Кери починале во ист ден изминатиот викенд, објави американската пејачка.
„Срцето ми е скршено зашто ја изгубив мајка ми овој викенд. За жал, во трагичен развој на настаните, и мојата сестра почина истиот ден“, кажа Кери, без да ги наведе причините за смртта.
Патриша Кери (87) беше поранешна оперска пејачка и гласовен тренер од ирско-американско потекло. Во своите мемоари од 2020, Мараја Кери изнесе детали за комплицираниот однос со мајка ѝ, велејќи дека тоа ѝ предизвикало многу болка и конфузија.
Таа кажа дека помеѓу нив имало натпревар и професионална љубомора, но исто така никогаш не криеше дека мајка ѝ била таа која ја вовела во светот на музиката.
Кери исто така имала сложен однос со сестра ѝ Алисон, која почина на 63 години.
Во истата книга, Кери напиша дека била оттуѓена од Алисон и нивниот брат Морган, велејќи дека било емотивно и физички подобро за неа да нема контакт со нив.
Алисон ја тужеше Кери по излегувањето на мемоарите и бараше обесштетување од 1,2 милиони долари.
Нивниот татко Алфред почина во 2002 на 72 години.