Премиерот Христијан Мицкоски во тв гостување се осврна и на обвинувањата кои опозициската СДСМ ги упати кон него и кон владината коалицијата за некаков договор во врска со случајот со бегството на косовскиот граѓанин баран со потерница, Блерим Рамадани.
Премиерот Мицкоски ги одби ваквите квалификации и укажа на одговорност во судот.
„Судијата кој што одредува куќен притвор е истиот оној судија кој што го водеше случајот за тепачите во М-НАВ. Таму не учествуваа истакнати функционери од ВРЕДИ, ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од ЗНАМ. Таму лично учествуваше претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир. Тој истиот судија ги ослободи, тој истиот кој додели куќен притвор. Тој е омилениот судија на поранешната власт“, изјави Мицкоски и посочи дека обвинувањата од страна на СДСМ за овој случај се бесцелни и смешни.
Дополни дека овој судија бил селектиран, избран, а потоа и унапреден во време на власта на СДСМ и ДУИ.
„На крајот на денот еве ја институцијата Судски Совет, еве ја институцијата Државен јавен обвинител нека влезат, нека истражат“, повика премиерот.