Мицкоски: Стотици милиони евра се изнесени од ЕЛЕМ и РЕК, затоа сакаат да генерираат нестабилност
„Само за неколку тендери во ЕСМ 100 милиони евра се однесени“, вели премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „За или Против“ на тв Алфа.
Мицкоски нагласи дека постојат многу основани сомненија, односно како што рече тој до сега има неколку случаи каде што има основано сомневање до сега поткрепено со информации.
„Но, од сега па натаму ќе влеземе и со докази за сериозна злоупотреба. Имаме основано сомневање. Во дел на ова основано сомневање сме во траг, денеска имав состанок со членовите на новиот Управен одбор на АД ЕСМ и со оние информации со кои што јас располагам а им ги пренесов и ним, затоа што денеска им е прв работен ден, можам да кажам дека таму има барем неколку случаи каде што има основано сомневање до сега поткрепено со информации. Но, од сега па натаму ќе влеземе и со докази за сериозна злоупотреба“, изјави тој.
Мицкоски истакна дека стотици милиони евра се украдени преку тендери, додавајќи дека за истите услуги кога тој бил директор на АД ЕСМ поранешно ЕЛЕМ се наплаќале по 86 денари, додека сега истото е зголемено за 3 до 4 пати односно за 240 денари.
„Стотици милиони се изнесени, украдени, буквално украдени преку тендери каде што за услуга се наплаќа од 3 до 4 пати, и на фирмите што сакаат да се јавуваат на тие тендери им доаѓа некој што им кажува немојте да конкурирате за тие тендери затоа што таа работа е наменета за некој друг“, објасни премиерот Мицкоски и додаде:
„Услуги кои што кога јас бев директор на тогашното ЕЛЕМ се плаќале за 86 денари, денеска се наплаќаат за 240 денари.“