Пожар во најголемата руска нафтена рафинерија во Омск – седум лица повредени
Седум лица се повредени, а едно е во тешка состојба по пожар во руска нафтена рафинерија во Омск.
„Пожарот во рафинеријата во Омск е под контрола. Автоматскиот безбедносен систем на фабриката откри пожар во технолошката опрема… Компанијата работи вообичаено“, се вели во соопштението од рафинеријата која е најголема во Русија.
Фабриката соопшти дека пожарот нема да влијае на нејзиниот распоред на производство, благодарение на дополнителниот производствен капацитет.
Според информациите од социјалните мрежи, огромна експлозија се слушнала во неколку квартови на градот во Западен Сибир, кој се наоѓа на околу 2.700 километри источно од Москва.
Два извори запознаени со деталите рекоа дека пожарот избувнал во единицата за дестилација на сурова нафта, ЦДУ-11, една од двете најголеми единици на фабриката. Другата примарна единица, ЦДУ-10, веќе беше неактивна поради пожар на почетокот на август.
Причината за пожарот се уште не е позната. Неколку руски нафтени рафинерии во минатото беа цел на напади со украински беспилотни летала. Неофицијално, едно лице загинало во пожарот, но оваа информација се уште не е потврдена.