Британец ја прими првата доза на новата вакцина против рак на белите дробови

Јануш Рач (67) од Велика Британија стана првиот пациент кој ја прими новата вакцина против рак на белите дробови.

Рач учествувал во експериментот со голем оптимизам и ако се биде во ред, тоа би можело да биде почеток на револуционерен третман.

– Јас сум научник и јасно ми е дека науката може да напредува само ако луѓето се согласат да учествуваат во вакви програми. Работам на полето на вештачката интелигенција и отворен сум да испробувам нови работи. Се надевам дека вакцината ќе се бори против клетките на ракот и дека третманот ќе се покаже како ефикасен – изјави Рач, кој живее во Лондон.

Рач и претходно покажал дека има значителни резерви на волја. Тоа се видело и пред осум години кога трчал на маратонот во Атина. Сега има за цел да трча на Лондонскиот маратон за три години.

Тој ја прими вакцината, која е дизајнирана да го поттикне имунолошкиот систем да ги препознае и да се бори против клетките на ракот, во вторникот во Универзитетските болници во Лондон. Тоа е првпат третманот на германската биотехнолошка компанија BioNTech да биде тестиран на пациент со рак.

Рач примил шест инјекции во рок од половина час, а секоја содржела различен генетски материјал. Тој ќе ја прима вакцината еднаш неделно во следните шест недели, а потоа по една вакцина на секои три недели.

Вакцината, позната како BNT116, е дизајнирана да го таргетира неситноклеточниот карцином на белите дробови (NSCLC), кој е најчестиот тип на рак на белите дробови што го има Рач. Идејата е да се елиминираат клетките на ракот и во исто време да се спречи нивното повторување со обука на имунолошкиот систем да ги препознае клетките на ракот и да ги нападне.