Министерот за правда Никола Тупанчевски во изјава за „А1он“ рече дека за хотелското сместување во Палермо добил фактура од македонска туристичка агенција на која имало рок за плаќање од 7 дена.
„Фактурата ја добив на 24. март, мечот беше на 25. март, фактурата имаше рок за плаќање, парите ги уплатив на 28. март“ – рече Тупанчевски.
Во врска со чартер летот до италијански Пелермо, тој рече дека истиот бил организиран за гостите на Фудбалската федерација, а на билетот немало цена која треба да се плати, односно на него пишувало „нула евра“.
Тупанчевски, кој беше гостин и во емисијата Тилинг, неколкупати досега потенцира дека нема прекршување на етичкиот кодекс бидејќи не се потрошени буџетски средства, не било ангажирано обезбедување, ниту службено возило, ниту пак, каква било друга привилегија од министерската функција.
За разлика од обвинителката Фатиме Фетаи, министерот Тупанчевски досега не ја прикажа јавно својата фактура за хотелското сместување.
Заа време на фудбалскиот меч Италија – Македонија камерите при погодокот на македонскиот национален тим ја прикажаа вип-ложата во која се видоа Никола Тупанчевски, Фатиме Фетаи и претседателот на судот во Кавадарци – Лазар Нанев како навиваат.