Портпаролот на „Вреди“ ги замрзна политичките активности по веста дека неговиот татко се сомничи за полов напад на малолетник

Портпаролот на коалицијата „ВРЕДИ“ – Фари Хисени, попладнево во објава на Фејсбук потврди дека лицето Д.Х., кое денеска беше приведено поради сомненија за полов напад на малолетник, е неговиот татко.

„Длабоко сум шокиран и повреден од веста што се појави во медиумите за мојот родител. Не можам да го најдам вистинскиот збор да го опишам овој момент! Ако овие наводи се покажат точни, тоа ќе биде страшен удар, не само за мене, туку и за целото мое семејство. Само помислата дека се соочувам со ова ми ја крши душата“, напиша Хисени на социјалната мрежа.

Дополнително, во објавата, тој соопшти дека решил да ги замрзне своите политички активности оти, како што вели, не сака да создаде впечаток дека преку функцијата што ја извршува може на било кој начин да влијае на институциите кои го истражуваат случајот.

„Како луѓе, ние сме одговорни само за нашите сопствени постапки и вредностите за кои се залагаме, но тоа не ја менува мојата решеност да дејствувам. Затоа, за да не создадам некакво недоразбирање или погрешен впечаток, решив привремено да ги замрзнам моите политички активности. Не сакам од функцијата што ја имам да изгледам дека можам на кој било начин да влијаам врз институциите кои го истражуваат ова чувствително прашање. Цел мој живот сум активист за човекови права, борејќи се против неправдата и насилството. Не можам да бидам индиферентен, без разлика од каде потекнува“, вели портпаролот на „ВРЕДИ“.

Истовремено, тој бара во овие тешки моменти да се почитува приватноста на неговото семејство.

„Ни треба простор за да се соочиме мирно со оваа ситуација, далеку од очите на јавноста“ – додава тој.

Основното јавно обвинителство Скопје попладнево соопшти дека повело постапка против 58-годишен скопјанец за кого постои сомнение дека извршил полови дејствија врз малолетник роден 2008 година.

Од Обвинителството велат дека тој се сомничи дека сторил кривично дело од член 186 став 7 во врска со ства 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Оттаму информираат дека осомничениот денеска во парк во една населба се сретнал со малолетникот со кого претходно се познавале и го повикал да разговараат. Потоа почнал да го допира, но тинејџерот успеал да се извлече и да го пријави случајот во полиција.