Млад возач во Австрија „летал“ со 198 km/h – остана и без возачката, но и без возилото

Во Австрија за првпат е активирана нова законска одредба со која се овозможува одземање на возило за тежок сообраќаен прекршок.

Според ХАК, еден автомобил ќе се најде на аукција откако 17-годишен возач бил фатен како вози со брзина од 198 км/ч на автопатот А1, западно од Виена, каде што дозволената брзина е само 100 км/ч.

На самото место на младиот човек му била одземена возачката дозвола, а возилото „фолксваген пасат“ му е одземено.

Прекршителот, кој е и сопственик на автомобилот, доаѓа од околината на Салцбург, а австриското правосудство одлучи автомобилот да се продаде на аукција.

Иако младиот човек има право на жалба, од ХАК наведуваат дека шансите за успех се мали.

Од продажбата, 30 отсто од приходите ќе одат во сојузната држава каде е направен прекршокот, додека останатите 70 отсто ќе одат во австрискиот фонд за безбедност на патиштата.

Со оглед на староста на возилото – се работи за „Passat“ од периодот 2000 – 2005 година – заработката нема да биде висока.

Овој случај ја покажува сериозноста на новиот закон за безбедност во сообраќајот, кој стапи на сила на 1 март 2024 година.

Според овој закон, прекршителите кои ја надминуваат дозволената брзина за 80 км/ч во населени места, или 90 км/ч надвор од населени места, се соочуваат со итно одземање на возачката дозвола и одземање на возилото.

Законот предвидува исклучоци за возила во сопственост на трети лица, како што се rent-a-car или изнајмени автомобили, кои не можат да се продаваат на аукција.

Австриските власти очекуваат од 400 до 450 сериозни инциденти со брзо возење годишно, што ја покажува сериозноста на проблемот со безбедноста во сообраќајот во земјата.