Миле Јанакиески доби казна од 3,5 години затвор за „Топлик“

Скопскиот Кривичен суд го осуди на 3,5 години затвор поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во случајот „Топлик“ кој се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на резиденцијалната населба „Сончев Град“ во скопско Сопиште.

Покрај Јанакиески, осудителни пресуди добија и останатите петмина обвинети кои во врска со продажбата на земјиштето биле дел од Комисијата за јавни наддавања во Министерството за транспорт врски.

Томе Ѓурчиловски, претседател на Комисијата е осуден на 3 години затвор, а останатите четворица – Димитар Димовски, Марица Тасева, Димитар Гаќев и Веса Томчевска добија условни казни затвор од две години кои нема да се извршат ако во рок од 5 години не сторат ново кривично дело.

Сите обвинети во случајот се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а настанатата штета на буџетот е 64.206.839 денари.

Пресудата за случајот е првостепена и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје.