Катерина Ангеловска : Ние сите сме најдобра верзија од себе, прашањето е дали вистински ја живееме таа верзија
Интервјуто со Катерина Ангеловска - советник за личен развој, учител по Mindfulness (свесна) медитација го направи Марија Димишкова
„Потребно е да се запознаеме себеси, кои сме како човечки битија, каква е нашата егзистенција, што е тоа што го сакаме, а што е тоа што не го сакаме, на што да кажеме „да“, на што да кажеме „не“. Да ги согледаме нашите мисли и размисли, да научиме како да се справиме со сопствените емоции и трауми, да научиме да комуницираме со нашата интуиција, да му се вратиме на телото и конечно да почнеме да го слушаме, а не само да го земаме здраво за готово. А тоа вистински можеме да го постигнеме со себеспознавање”.
Трилинг: Вие сте сертифициран учител во Македонија по британската програма позната како Mindfulness. Што е суштината на оваа метода?
Ангеловска: За почеток би сакала да дадам еден вовед за терминот Mindfulness. Mindfulness во превод значи свесност. Mindfulness е начин на живот кој ни помага да се фокусираме и да живееме во сегашниот миг. Mindfulness може да ни помогне да престанеме да се вознемируваме за минатото или да се грижиме за иднината. Mindfulness е комбинација на медитација со психолошки вежби и лесни и едноставни јога движења кои можат да ни помогнат да ја надминеме физичката и емоционалната болка, да го намалиме стресот и вознемиреноста и да се исклучиме од постојаниот џагор во главата што го доживуваат многу луѓе. Преку Mindfulness, можеме да се однесеме на ниво на кое можеме да живееме низ нашите животни искуства наместо само да донесуваме заклучоци.
Mindfulness медитацијата се потпира на 2.500 години наследство на знаење и мудрост во рамките на религиозните и филозофските традиции, вклучително и будизмот. Додека овие практики имаат различни форми во текот на милениумите, нивната цел останува постојана, да се стави крај на страдањата, да го свртиме вниманието и свесноста за телото, чувствата, сензациите, мислите (менталната содржина). Сепак, учењето за Mindfulness и терапевтските апликации биле основани дури во 1970-тите години.
Оттогаш,постои значително истражување за ефектите и придобивките од користењето на Mindfulness и сега е цврсто прифатен како пристап заснован на докази со огромна низа научни истражувања за нејзината ефикасност.
Mindfulness беше на дневен ред на светскиот економски самит во Давос во 2014 година. Водечките организации низ целиот свет, како што се „Епл“ и „Гугл“, ја прифатија Mindfulness практиката како клучна компонента на нивните стратегии за развој и благосостојба на вработените. Mindfulness им помага на луѓето да живеат поисполнет, порелаксиран, без стрес и самоуверен живот. На работното место им помага да бидат поефикасни тимски играчи, да станат покреативни, посветени и да ги постигнат своите цели, да комуницираат добро и да ги решаваат конфликтите.
Програмата Mindfulness Now за која програма сум јас сертифицирана, и која програма е одобрена од Британската асоцијација на психолози е уникатна модерна програма за ум и тело дизајнирана да работи со поединци и групи со одредени барања, вклучувајќи помош при физичка и емоционална болка, напади на паника, емоционална траума, контрола на болка, стрес и вознемиреност, како и градење емоционална еластичност. Оваа програма користи комбинација на медитација со учење за Mindfulness, свесност за телото и лесни и едноставни јога движења.
Трилинг: Колку македонците работат на својот личен развој и што им претставува најголем предизвик кога треба да направат животна промена?
Ангеловска: Имаме многу работа, но со задоволство можам да кажам дека како нација се отворивме сериозно многу повеќе во последниве неколку години кога станува збор за личниот саморазвиток.
Не постои поделба помеѓу физичкиот, менталниот и духовниот свет. Сè е во хармонија и кореспондира во три димензии на постоење. Потребно е да се запознаеме себеси, кои сме како човечки битија, каква е нашата егзистенција, што е тоа што го сакаме, а што е тоа што не го сакаме, на што да кажеме „да“, на што да кажеме „не“. Да ги согледаме нашите мисли и размисли, да научиме како да се справиме со сопствените емоции и трауми, да научиме да комуницираме со нашата интуиција, да му се вратиме на телото и конечно да почнеме да го слушаме, а не само да го земаме здраво за готово. А тоа вистински можеме да го постигнеме со себеспознавање.
Често луѓето се водат според основните инстинкти на преживување, и се губат во светот на формата, истовремено заборавајќи ја суштината, заборавајќи на својот дух. И тогаш животот станува борба, постојана потрага по надворешните задоволства кои ќе дадат некое значење и ќе овозможат за миг да се чувствуваме живи. Можеме да го поминеме целиот живот трагајќи по надворешните задоволства, заробени во формата, незадоволни, полни со страв, и на крај да сфатиме дека надворешните работи не ни носат среќа и љубов. Наместо да дојде крајот, луѓето веќе го препознаваат моментот дека има нешто повеќе од она што ни го нуди реалноста, и дека надворешното не е предуслов за хармоничен и исполнет живот. Универзалниот закон за аналогност вели: „како однатре, така однадвор“, а не ни вели: направи нешто однадвор за да се чувствуваш убаво однатре.
Трилинг: Многу често низ вашите пишувања може да се сретне реченицата „Бидете најдобра верзија од себе”. Дали успеавте да ја постигнете низ вашиот личен развој и на што треба да се стави фокусот кога сакаме да постигнеме подобра верзија од себе?
Ангеловска: Ние сите сме најдобра верзија од себе, прашањето е дали вистински ја живееме таа верзија. Или пак сме се идентификувале со нешто кое всушност не сме, а тоа предизвикало да се одвоиме од својата автентична природа.
Кога зборувам за најдобра верзија од себе мислам дали живееме во согласност со своите потреби и правиме позитивна промена во светот. Дали наутро кога ќе ни заѕвони будилнкиот се будиме со насмевка и возбуда да го прегрнеме тоа што денот го има во својата продавница за нас. Дали и колку сме автентични во своето постоење.
Вистината е дека ретко кој човек целосно се познава и разбира себеси. Освен своето име, годините, полот и идентитетите кои ни произлегуваат во текот на животот, луѓето не се познаваат вистински. Ние носиме многу идентитети и играме многу улоги низ животот, мајка, татко, ќерка, син, уметник, градител, спасител, жртва, академски граѓанин, академик, актер, бизнисмен, градител, чувар и така натаму. Но ова се само нашите форми, нашето име, нашите улоги, но кои сме ние, што е тоа што го сакаме, зошто сме тука во оваа форма сега и овде, тоа е она што доколку го спознаеме ќе ни даде поинаква димензија на постоење. Оваа тема на себеспознавање била актуелна уште во дамнешни времиња и до ден денес оваа тема е мистерија за човекот. Вистината е дека ние сите сме најдобра верзија на себе и ја имаме моќта и сите потребни потенцијали да се исцелиме и да бидеме тоа што сме, божествени битија. Преку личниот развој и себеспознавањето јас ги пронајдов моите потенцијали и вистински и автентично ја живеам мојата најдобра верзија од себе и научив да се сакам себеси.
Трилинг: „Будење на свеста”, книгата што ја напишавте со вашиот сопруг беше избрана за најпродавана книга од македонски автори минатата година. Дали признанието покажува дека на читателската публика во земјава и е потребна мотивациона литература?
Ангеловска: Лично јас бев многу изненадена и возбудена кога ни се јавија од нашата Издавачка куќа „Паблишер“ и ни соопштија дека „Будење на свеста“ е прогласена за најпродавана книга од македонски автори. Навистина е голема чест и задоволство да бидеш признаен и прифатен од сопствената публика особено нашата македонска. Искреиравме вистинско дело од областа на популарната психологија на македонски јазик, напишана од нашите искуства и знаења кое ги имавме заедно со Радован Витошевиќ.
Во последните години навистина се вложува во превод на светски познати книги и автори од оваа област кои порано можеа да се најдат само доколку некој оди во странство и да ви ги донесе. И кога ќе ги донесeа ги фотокопиравме за да можеме сите да ги имаме. Сега овие мотивациски книги се достапни не само во книжарниците кај нас, можеме да ги набавиме и онлајн. И да, на читателската публика во земјава и те како и е потребна мотивациона литература. Со денешниот виртуелен свет во кој живееме овие информации можат да ни донесат вистински бенефит за нашиот саморазвиток. И само ќе додадам дека во денешно време на информации, незнаењето е избор.
Трилинг: Катерина, како најлесно да останеме мотивирани и да имаме баланс меѓу умот и телото?
Ангеловска: Доколку сакаме да останеме мотивирани и да имаме баланс меѓу умот и телото, треба да ги знаеме сопствените мотиви. Да знаеме зошто го правиме тоа што го правиме и истовремено да знаеме како ќе го направиме тоа. Ние сме условени да мислиме само на акциите. Си велиме дека сме мајстори и му даваме голема предност на процесот на правање. Моите клиенти кога ќе дојдат кај мене првото прашање им е како, а јас пак ги прашувам зошто сакаш ова да го правиш, што е тоа што сакаш да постигнеш. Многу е важно да се воспостави баланс помеѓу зошто и како, зошто кога има баланс тогаш тоа што го правиме доаѓа од состојба на радост, на возбуда, среќа, и промената е неизбежна. Тогаш имаме можност да научиме да го препознаеме свесно сегашниот миг во кој живееме, а со тоа и да го намалиме стресот, да добиеме поголема јасност и фокус, поголема еластичност, подобрена креативност, подобри врски, подобрено здравје и благосостојба и така натаму. Многу луѓе погрешно веруваат дека за да добиеме подобар резултат треба повеќе да работиме, да преземаме повеќе активности. Кога ќе завршиме со едни активности, почнуваме со нови активности и заглавуваме во круг на активности, кои предизвикуваат постојан стрес и незадоволство поради тоа што немаме резултат кој го посакуваме и продолжуваме така без да си го поставиме прашањето зошто. Сè е можно кога си го знаеме и следиме своето зошто. Кога луѓето знаат зошто ги прават нештата кои ги прават, како е само прошетка низ паркот. И тогаш мотивацијата е природна а балансот помеѓу умот, телото и духот е само последица на нашето зошто.