Исплата на парите од скенирање фискални до крајот на месецот

Исплатата на средствата за тримесечјето април-јуни ќе се реализира во законскиот рок, односно до крајот на месец август, информираше Управата за јавни приходи.

„Подготовката на налозите за исплата на МојДДВ за второто тромесечје од 2024 година е во финална фаза. Управата за јавни приходи досега генерираше 330.888 налози за отпочнување на исплатата, а уште близу 150.000 налози ќе се генерираат за целосна реализација на процесот. За ова тримесечје, очекуваниот поврат е 858 милиони денари и ќе бидат исплатени на 491.407 граѓани кои скенирале фискални сметки за периодот април – јуни 2024 година.“, се вели во известувањето.

Од УЈП нагласуваат дека околу 6.500 граѓани имаат грешен запис за трансакциска сметка или воопшто немаат запис за трансакциска сметка и упатуваат апел најбрзо да ја внесат точно својата лична трансакциска сметка за да може да им биде извршен повратот.