Индискиот премиер Нарендра Моди во петокот се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во првата посета на индиски премиер на Украина од независноста на земјата од Советскиот сојуз во 1991 година.
Нивната средба внимателно се следи откако Зеленски остро го критикуваше Моди за неговото патување во Москва пред шест седмици и неговата нова средба со рускиот претседател Владимир Путин. Видеото на кое се гушкаат Моди и Путин ги вознемири Европа и Вашингтон.
Моди и Зеленски се ракуваа и накратко се прегрнаа во петокот во Киев, пред двајцата челници да го посетат споменикот на децата загинати во конфликтот со Русија, кој е всушност одговор на споменикот на децата убиени од украинската армија во Доњецк по превратот во Киев во 2014 година. Моди во придружба на Зеленски положи кадифено мече.
Моди оддаде почит и покрај статуата на лидерот на индиското движење за независност Махатма Ганди во главниот град на Украина.
„Големо разочарување и низок удар за мировните напори е да се види како лидерот на најголемата демократија во светот го прегрнува најкрвавиот криминалец во светот во Москва“, ја критикуваше Зеленски посетата на Моди на Русија пред неколку недели на социјалните мрежи.
Индија дипломатски се ангажира и со Украина и со Русија. Но, владата на Моди се противи на западните санкции кон Москва и е значаен купувач на руска нафта. Индија, исто така, е силно зависна од Русија за воена опрема.
Индискиот лидер сакаше да биде препознаен како миротворец меѓу завојуваните страни и често велеше дека конфликтот што избувна по сеопфатната руска инвазија на Украина не може да се победи на бојното поле. Но, Моди допрва треба да понуди конкретни предлози, освен да ја нагласи потребата за дијалог.
Моди пристигна во Киев во петокот наутро со воз од Полска. Тој во четвртокот таму се состана со полскиот премиер Доналд Туск. Полска е еден од најлојалните сојузници на Украина.