Поевтинуваат катастарските услуги

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денеска оствари работна средба со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во просториите на агенцијата.

На средбата, фокусот беше ставен на тековните активности на агенцијата и идните проекти, насочени кон обезбедување на поквалитетни услуги за граѓаните и професионалните корисници.

Живковски информираше дека до Управниот одбор доставил предлог за намалување на надоместоците за поголемиот дел од услугите кои ги нуди институцијата. Тој нагласи дека по завршувањето на потребната законска постапка, граѓаните наскоро ќе можат да ги добијат услугите на агенцијата по пониски цени, намалени и до 75 проценти. Предлогот доаѓа како одговор на бурните реакции во јавноста по зголемувањето на цените во февруари 2024 година, од страна на претходното раководство на агенцијата.

Говорејќи за новините поврзани со предлогот за намалување на цените, Живковски објасни дека според актуелниот тарифник, за упис на недвижности се наплаќа надоместок по имотен лист во износ од 1.250 денари, а не по правен основ.

„На пример, доколку склучите договор за купопродажба на стан, треба да извршите упис во катастарот на 4 имотни листови: за станот, земјиштето под зградата, заедничките простории и паркинг местото. Во моментот, за оваа пријава се плаќаат 5.000 денари, но со измените во тарифникот, граѓаните ќе треба да платат само 1.250 денари по правен основ, што претставува намалување од 75% на овој надоместок“, истакна Живковски.

Тој нагласи дека Агенцијата за катастар на недвижности игра клучна улога во регулацијата и развојот на гео-просторната инфраструктура, урбанистичкото планирање и пазарот на недвижности. Тој истакна дека предложените намалувања на цените се само вовед во најголемата реформа и модернизација на катастарот на недвижностите во државата.

Притоа информираше дека намалување ќе има и за оставинските постапки и договорите за дар каде наплатата ќе биде 1250 денари по правен основ за една катастарска општина , без оглед на бројот на имотните листови во катастарската општина, а не како до сега 1250 денари по имотен лист.