Премиерот Христијан Мицкоски рече дека убијците од „Мавровка“, излегле од затвор додека СДСМ бил дел од Владата, коментирајќи за наодите од СДСМ дека наместо во затвор, криминалци и убијци се шетаат по улица.
„Па да, избегани биле кога СДСМ бил дел од Владата. Но она што е важно е дека е загубен човечки живот, а криминалците се фатени и изведени пред лицето на правдата. Секој оној кој мисли да се занимава со криминал, ќе биде фатен и ќе биде испратен онаму каде му е местото – зад решетки. Мора сериозно да се занимаваме со битката против криминалот и да го направиме криминалот неисплатлива професија. Секој криминалец кој мисли дека може да профитира со криминал, многу брзо ќе се разочара, и ќе биде сместен каде што му е местото. Постојат политички глодари кои мислат дека на таков начин ќе спечалат поен на сметка на загубени животи, но жалам што тие не гледаат во минатото и што правеа тие додека беа во владата, и што ние денеска мораме да поразиме. Но, ќе се бориме и ќе победиме. Не се само тие, набљудуваме уште неколку групи, и низ Скопје и низ цела Македонија. Тука идентификувавме три групи, кои имаат логистика и во затворите, и се занимаваат со изнуда, тероризам, тежок облик на криминал, и очекувам многу скоро и за нив криминалот да биде неисплатлива професија“ – рече Мицкоски.