Трамп го осуди говорот на Харис: „Целиот свет ни се смее“

Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп го осуди говорот на демократската кандидатка Камала Харис на Демократската национална конвенција и конкретно посочи работи кои таа не ги спомeна во нејзиниот 45-минутен говор.

„Таа не ја спомeна Кина, не ја спомeна енергијата, не ги спомeна Русија и Украина, не ги спомена главните теми на денешницата кои ја уништуваат нашата земја“, изјави Трамп на платформата Truth Social набргу по говорот на Харис.

Тој исто така кажа дека има 60 милиони луѓе кои живеат во сиромаштија во САД и дека „дури и таа (Камала Харис) не зборува за нив“, пренесува Fox News.

„Без специјални програми, само разговор, без акција – Зошто таа не го направи тоа пред три и пол години“, напиша Трамп во објавата.

Тој, исто така, ја нарече Камала Харис „радикален марксист“ и рече дека „се залага за неспособност и слабост“.

„Зошто не направи нешто за работите за кои се жали? На нашата земја и се смее целиот светот! Таа никогаш нема да биде почитувана од тираните на светот!” порача Трамп.

Во својот говор Харис го нарече Трамп „несериозен човек“ и рече дека „последиците од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа се исклучително сериозни“.

„Тој (Трамп) нема да ви го подобри животот, нема да ја зајакне нашата национална безбедност, тој ќе му служи на единствениот клиент што некогаш го имал – самиот себе“, рече Харис.

На последната вечер од Демократската национална конвенција, Камала Харис официјално прифати да биде претседателски кандидат на партијата.