Камала Харис вели дека ќе биде „претседател на сите Американци“

На последниот ден од Демократската национална конвенција во Чикаго, Камала Харис официјално ја прифати номинацијата за претседателска кандидатура за ноемвриските избори и го даде најважниот говор во нејзината политичка кариера до денес.

„Знам дека луѓе со различни политички ставови го гледаат ова вечерва. Ветувам дека ќе бидам претседател на сите Американци. Јас ќе бидам претседателот кој не обединува околу нашите највисоки аспирации. Претседател кој води и слуша“, рече Харис, која беше поздравена со овации и силен аплауз.

Џозеф Бајден, американскиот претседател чиј мандат истекува во ноември, со недели беше под притисок од партиски функционери и врвни финансиери да се повлече од трката поради загриженоста за неговата психичка и физичка состојба.

Загриженоста дојде до израз особено по дебаклот во телевизиската дебата со Доналд Трамп, кандидатот на Републиканската партија на претстојните претседателски избори во ноември.

Тој набрзо најави повлекување од претседателската трка, номинирајќи ја Камала Харис, актуелниот американски потпретседател, како негова замена.

Во говорот од 45 минути, Камала Харис се фокусираше на нејзината лична кариера, економските и социјалните цели на медиумот, како и на меѓународните односи.

Нејзиниот говор ја заврши четиридневната конвенција, на која говореа Бајден, поранешните претседатели Бил Клинтон и Барак Обама, како и кандидатот на Камала за потпретседател на Америка – Тим Валц.

Како и Бајден и Харис, за време на обраќањето, предупреди на опасни последици доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа и дека неговата програма „Проект 2025“ ќе ја турне земјата наназад.

„Америко, ние не се враќаме назад!“, додаде таа.

Таа вети дека ќе се бори за подобар живот на средната класа и дека тоа е „целта на нејзиниот мандат“.

„Трамп не се бори за средната класа, туку за своите пријатели милионери. Ќе им ги намали даноците со што ќе се зголеми јавниот долг и ќе се зголемат цените за средната класа. Сакаме да ги намалиме даноците за средната класа“, вети Харис.

Во своето обраќање таа се осврна и на меѓународните односи, ветувајќи дека, доколку биде избрана, ќе продолжи да ја поддржува Украина „цврсто ќе стојам покрај Украина и нашите сојузници во НАТО“, рече таа.

Таа додаде дека од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, ја мобилизирала глобалната заедница да и помогне на Украина да се одбрани од руската агресија.

Повика и на прекин на војната во Појасот Газа, но и на борба против тиранијата ширум светот.

„Во упорната борба меѓу демократијата и тиранијата, знам каде стојам и каде припаѓаат Соединетите Американски Држави“, рече сега веќе официјалниот демократски претседателски кандидат.

Таа му вети безбедност на Израел, враќање на заложниците од Газа и крај на војната во таа палестинска енклава.

„Сега е време да се постигне договор за заложниците и прекин на огнот. Ќе бидам јасен, секогаш ќе се залагам за правото на Израел да се брани и да има способност да се брани“, рече Харис.

Таа имаше слична порака пред еден месец кога разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху додека тој беше во Америка.

Камала Харис и Том Валц беа формално номинирани кандидати уште пред почетокот на конвенцијата, а за време на тридневната конвенција главно се разговараше за партиската платформа.