Иако многу се очекуваше, координацијата на градоначалничката Данела Арсовска со координаторите на советничките групи во Советот на Град Скопје, на која Арсовска требаше да ги презентира плановите за надминување на кризата во Скопје во однос на јавната хигиена и градскиот превоз, не ги донесе очекуваните резултати, пишува „Слободен печат“.
Она што единствено произлезе од средбата е ветувањето на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Стојановски дека на идната седница на Советот, која ќе се одржи на 29 август, советниците од оваа партија ќе ги гласаат сите програми што ќе ги предложи Арсовска за надминување на состојбите, како и најавата дека до 1 септември ќе бидат сервисирани 30 автобуси што ќе бидат пуштени во сообраќај.
На средбата, според информациите, градоначалничката не излегла со планови освен што биле презентирани актуелните проблеми со кои се соочуваат јавните претпријатија.
На денешната координативна средба присуствувале и директорите на „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“ и на ЈСП „Скопје“, кои ги посочиле проблемите со кои се соочуваат, како и претседателот на Советот, Трајко Славески.
Според него, директорите се пожалиле дека им е потребна дозвола за набавка на механизација и слично, но како што рече, инвестициските програми се одобрени уште на почетокот на годинава, па прашање е што правеле претходните директори кога на пример се кажува дека во просек возилата им се стари по 20 години.
– Факт е, а тоа беше констатирано и на средбата во Владата, дека на краток рок не може да се изврши набавка на нови автобуси што би го зголемиле возниот парк на ЈСП, но факт е и дека добар дел од возниот парк на ЈСП е нефункционален. Како што слушнавте, Владата е подготвена дел од средствата што стојат неискористени на сметка наменети за инфраструктурен проект да се префрлат на сметка на ЈСП за рехабилитација на дел од возниот парк на ЈСП. Затоа што има два клучни датуми, едниот е 1 септември кога почнува школската година за основците и средношколците и мала пауза додека студентите не се вратат на факултетите. Охрабрува тоа што го рече директорот на ЈСП дека по негова процена дури 30 автобуси би можеле да се оспособат и да се вратат во функција – рече Славески.
Според него, добро е што работите се решаваат на ваков начин, но нагласи дека од градоначалничката не слушнале некој план освен тоа дека „Комунална хигиена“ нема доволно сезонски работници и дека опремата е застарена. Тој посочи дека нема закочени процеси во град Скопје и дека станува збор за една неизгласана програма.
Координаторот на советничката група на СДСМ Гордан Шутаров по средбата посочи дека тие досега гласале за сите програми што се важни за граѓаните, па и за тие што досега не се изгласани, и повика советниците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат и конечно да почне постапката за набавка на нови автобуси.
Денеска премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање соопшти дека ќе ги замоли советниците од неговата партија на следната седница да ги изгласаат програмите, но нагласи дека и да ги изгласаат, нема ништо да се смени.
По неговиот јавен повик до советниците, со ист став излезе и координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ , Стојановски.
Ние како советничка група потврдувам сега дека ќе ги изгласаме програмите што ќе бидат понудени од градоначалничката до нас на седницата на 29 август, но мислам дека со изгласување на програмите, нема да се реши ништо затоа што тука се работи за менаџирање на директорите на претпријатијата – рече Стојановски.