Лазар Узунчев – нов генерален директор на ЕСМ
Државната компанија за производство на електрична енергија ЕСМ (поранешен ЕЛЕМ) добива нов генерален директор.
Станува збор за докажан менаџер во областа на продажбата, а неговото име е Лазар Узунчев, пишува „Фактор.мк“.
Своевремено прв човек на „Нептун“, Узунчев има меѓународно искуство и во областа на трговија и застапување на брендови од областа на оптиката.
Очигледно дека стратегијата на Министерството за енергетика и на Владата е да се донесе менаџер што успешно водел пазарно ориентирана компанија. Ова наведува на заклучок дека тој и неговиот нов управувачки тим ќе се обидат од државниот мастодонт ЕСМ да направат компанија која компетитивно ќе работи во пазарно опкружување.
А тоа значи оптимизација на трошоци, зголемување на ефикасноста и расчистување со досегашната пракса на тендери на кои под многу дискутабилни услови се купуваше се и сешто па и електрична енергија.
Новиот директор ќе биде исправен пред голем и изразен предизвик за средување на состојбите во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј како и гасификација на ТЕЦ Неготино и на крај најголемиот предизвик кој се вика нуклеаризација на ЕСМ.