Пронајдени две тела во јахтата што потона кај Сицилија, нуркачите и натаму трагаат по преживеани

Две тела се пронајдени во јахтата „Bayesian“ која потона во понеделникот рано наутро кај брегот на Сицилија, потврди за Би-би-си шефот на Сицилијанската агенција за цивилна заштита.

Спасувачките екипи веднаш не објавија информации за имињата и полот на двете лица.

„Ла Република“ пренесува дека очевидци виделе спасувачки екипи како носат две торби со тела.

Петнаесет лица, меѓу кои едногодишно бебе и нејзината мајка, се спасени по бродоломот што се случи. Се претпоставува дека силна пијавица предизвикала потонување на јахтата во близина на Палермо, околу пет часот наутро.

Нуркачите се уште се обидуваат да пристапат до потопената јахта, која моментално се наоѓа на длабочина од 50 метри.

Меѓу исчезнатите се британскиот милионер Мајк Линч, неговата 18-годишна ќерка Хана, претседателот на банкарската компанија „Морган Стенли“, Џонатан Блумер и неговата сопруга, како и адвокатот на Линч Крис Морвило и неговата сопруга Нада.