Во скопскиот Кривичен суд денеска ќе биде објавена пресудата за случајот „Топлик“, првообвинет е екс министерот за транспорт и врски – Миле Јанакиески.
Освен него, за злоупотреба на службената положба и овластувања, обвинети се уште 5 лица од Министерството за транспорт и врски, кои биле членови на Комисијата за јавни наддавања.
Предметот беше отворен од поранешното СЈО и се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на населбата „Сончев град“ во скопско Сопиште.
Според обвинението, Јанакиески, кој како раководно лице во Министерството, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која ѝ наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
Случајот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е обвинителот Бурим Рустеми.