Бучковски: Климата за преговори е подобра, но има групи кои работат да не се постигне компромис!

„Можен е договор меѓу Скопје и Софија за време на француското претседателство со ЕУ, но има групи и во двете земји кои работат да не се најде компромис“.

Ова во интервју за бугарската телевизија „Нова“ го вели поранешниот македонски премиер Владо Бучковски.

„Бугарија и Северна Македонија можат да постигнат договор за време на француското претседателство со Европската унија. Климата за преговори сега е подобра. Има шанса за договор следниот месец. Постојат групи во Софија и Скопје кои работат против компромис и договор меѓу нашите две земји“ – рече Бучковски.

Според него, петте руски дипломати протерани од Скопје станувале сè поагресивни во нивните обиди да го спречат договорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, и желбата на Скопје да ги започне преговорите за членство во ЕУ.