Харадинај: Курти и „Самоопределување“ го ограбија народот

Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, поранешниот премиер Рамуш Харадинај, го обвини премиерот Албин Курти за корупција и рече дека откако дошле на власт, Курти и неговата партија, Движење самоопределување (ВВ), „го ограбија народот на Косово“.

Во објава на неговата страница на Фејсбук, Харадинај рече дека за премиерот Курти важи народната изрека „ноќе те убива, дење те оплакува“.

– Кога Курти зборува за корупција, како и за многу други теми, на ум ни доаѓа народната изрека „ноќе те убива, дење те оплакува“. Од доаѓањето на власт, Курти и ВВ со измами и со најподмолна форма на систематски начин и во најчувствителните ресурси го ограбија народот на Косово“, напиша Харадинај.

Поранешниот косовски премиер ја обвини актуелната влада дека ги украде државните резерви и струјата.

– Го украдоа лебот на Косово кога имаше глобален страв од кризата со лебот, ја украдоа струјата во време кога цената на берзата достигна невидени височини. Двојно му ја зголемија цената на народот. Мартин (Бериша), кој посредуваше во продажбата на српска струја, сé уште е заштитен и третиран како херој. Над 280 милиони евра народни пари одзедоа од конкуренцијата и од законот и со партнерите во криминалот ги искористија како да се воен плен, напиша Харадинај.