Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска ќе се сретне со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, информираат од Владата.
„Денеска 19.08.2024 година (понеделник) во 15:30 часот, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски заедно со Министерот за локална самоуправа Златко Перински ќе остварат средба со Данела Арсовска, Градоначалник на Град Скопје во просториите на Владата“, се наведува во соопштението.
По завршување на средбата, изјава за медиуми ќе даде Министерот за локална самоуправа Златко Перински, известуваат од Владата.
Средбата доаѓа откако Арсовска го повика Мицкоски да ги одреди датумот, местото, темите за разговор и форматот на состанокот и додаде дека раководството на Град Скопје е подготвено да седне на маса со премиерот.
Претходно, на иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во просториите на Општина Кисела Вода се одржа координативна средба со скопските градоначалници, кога едногласно донесоа одлука да се предложи до Владата и Министерството за животна средина да ги одземат ингеренциите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“.
Министерот Перински изјави дека ги разбира барањата на скопските градоначалници и се согласува со нивниот став.
„Ги разбирам барањата на градоначалниците и во целост се согласувам со нивниот став дека скопјани, за жал, поради една личност, која го окупира градот, живеат во супстандардни услови. Чекорот преземен од градоначалниците е сублимат од гневот на граѓаните, кои секојдневно се обраќаат до нив“, кажа министерот за локална самоуправа, Перински.