Американскиот претседател Џо Бајден во вчерашното кратко интервју со новинарите изјави дека примирјето во Газа е „сè уште можно“ и увери дека САД „не се откажуваат“ од своите напори додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја започнува својата последна посета на Израел.
Палестинската група Хамас вчера објави дека новиот предлог, кој требаше да ги премости разликите меѓу Израел и палестинската вооружена група во врска со прекинот на огнот во Газа, е премногу близок до позициите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Хамас го објави ова неколку часа откако американскиот државен секретар Антони Блинкен пристигна во Израел во обид да обезбеди прекин на огнот во Газа и договор за ослободување на заложниците, намалувајќи ги надежите за напредок во разговорите.
Хамас доби нов предлог од посредниците Катар, Египет и САД по дводневната рунда преговори во Доха.
„Сметаме дека Нетанјаху е целосно одговорен за попречувањето на посредничките напори и одложувањето на договорот, како и одговорен за животите на затворениците кои, како и сите наши луѓе, се под еднаков ризик поради агресијата и систематското таргетирање на сите аспекти на животот во Појасот Газа“, соопшти Хамас.
Претходно во неделата, Нетанјаху повика „да се изврши притисок врз Хамас“ и го осуди нивното „тврдоглаво отфрлање“ на договорот за прекин на огнот во Газа.
„Хамас опстојува на своето одбивање и не испрати ниту свој претставник на преговорите во Доха. Затоа притисокот треба да биде насочен кон Хамас и (неговиот водач Јахја) Синвар, а не кон израелската влада“, рече Нетанјаху, соопшти неговиот кабинет.