Дваесет и три години Охридски рамковен договор – годинава со две паралелни одбележувања

Со одделни настани на власта и на албанската опозиција денеска во Скопје ќе бидат одбележани 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.

Владата ќе ја одбележи годишнината од Рамковниот договор со свечена седница во 13 часот на која, како што е најавено, ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски и првиот заменик премиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. Настанот ќе се пренесува во живо на Фејсбук и на Јутјуб – каналот на Владата.

Претходно, во 10 часот во Клубот на пратениците во Скопје, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање ќе биде одржана Панел дискусија на тема „23 години од Рамковниот договор, децентрализацијата останува предизвик”, на која покрај вицепремиерот Меџити како панелисти се најавени и министерот за локална самоуправа Златко Перински и професорите Ризван Сулејмани, Нано Ружин, Африм Османи и Бујамин Бела.

Меџити вечер ќе организира и свечен прием во Музејот на современа уметност во Скопје.

Одделна прослава, пак, ќе организира Европскиот фронт, предводен од ДУИ.

Тие 23- годишнината од Охридскиот рамковен договор, ќе ја одбележат со настан насловен „Академија за легитимитет“ што ќе се одржи напладне во хотелот Александар Палас во Скопје.