Вучевиќ: Смртните закани кон Вучиќ се насочени кон политичка дестабилизација на Србија

Премиерот на Србија – Милош Вучевиќ денеска изјави дека смртните закани кон српскиот претседател Александар Вучиќ имаат за цел да предизвикаат политичка дестабилизација на Србија и апелираше до надлежните органи да одговорат на овие закани.

„Смртните закани кон претседателот Вучиќ упатени од извесен Бобан Богдановиќ на мрежата Х потврдуваат дека целта на Курти и `домашните` антисрпски опозиционери, тајкуни и нивните медиумски платеници е да предизвикаат хаос и политичка дестабилизација на Србија. Апелирам до надлежните државни органи да реагираат на овие страшни закани и да ги санкционираат сите оние кои под превезот на еколошки активисти и наводни борци за човекови права повикуваат на атентат на претседателот и насилно преземање на државата. Нулта толеранција за насилниците“ – напиша Вучевиќ на својот профил на социјалната мрежа „Икс“.

Тој сподели скриншот од твитот на Бобан Богдановиќ, кој напиша дека Србија е на работ на граѓанска војна и предизвикува вооружени конфликти во регионот.

Заедно со твитот во кој објави погрден придружен текст, Богдановиќ објави и фотомонтажа на јамка околу вратот на српскиот претседател Александар Вучиќ.