Поднесена е првата тужба за надомест на штета против државата поради хаосот кој настана со издавањето на личните документи, пасоши и лични карти и неможноста граѓаните да патуваат.
Се бара одговорност од МВР бидејќи и по стапувањето во сила на Преспанскиот договор на граѓаните им биле издавани лични карти и пасоши со старото име, иако знаеле дека треба да ги издадат со новото име, вели адвокатот Ќатоски.
„Се бара побарување надомест на штета за непотребно извадениот нов пасош и пропуштено патување. Под непотребно изваден нов пасош подразбирам, во моментот кога странката извадила пасош со новото уставно име, стариот пасош со старото уставно име се уште бил во важност и немало потреба да се заменува. И таквото дејствување на МВР предизвика штетни последици по буџетот на секој граѓанин, кој беше приморан да извади нов пасош“, вели адвокатот Глигорие Ќатоски, пренесе тв Алсат.
Веќе е закажано подготвително рочиште пред Основниот суд во Струга. Ќатоски во февруари годинава поднесе иницијатива и до Уставен суд за утврдување на дискриминација, но уставните судиите се уште се немаат изјаснето.
„И ова барање се однесува на фактот што граѓаните кои во тоа време поседуваа пасоши со Република Македонија, не можеа да патуваат надвор од државата за разлика од оние граѓани кои поседуваа пасоши со Република Северна Македонија. Краткогледоста на нашата политичка елита, доведе до една ваква ситуација, граѓаните на крајот да бидат оштетени со сериозна сума на финансиски средства“, додава Ќатоски.