Драматична е ситуацијата во Атика, во североисточната околина на Атина. Носен од силен ветар, пожарот неконтролирано се шири, од североисточниот дел на Варанавас, на 35 километри од Атина, каде што избувна вчера, спуштајќи се кон источниот брег кон одморалиштето и густо населено Неа Макри.
На терен има 560 пожарникари со 177 возила и комплетна опрема, стотици доброволци, полиција, армија и од утрово авијација, 32 авиони, од кои 17 авиони и 15 хеликоптери. Но, и покрај сите напори не можат да ја контролираат огнената стихија која сега е на стотина метри од густо населената Неа Макри.
Со огнот се биеше битка цела ноќ, но бидејќи ветрот не престанува и постојано го менува правецот, огнениот прстен од неколку десетици километри на 32 места продолжи да се шири на север и исток од Атика, зафаќајќи ја шумата и куќите.
Точниот број на опожарени куќи не е познат бидејќи е невозможно навреме да се пријде до загрозената област од која се евакуира населението.
Колони возила имаше на патиштата кај Атина, луѓето го послушаа апелот навреме да се тргнат од опасното подрачје. Онаму каде што има отпор бидејќи многумина до последен момент се обидуваат сами да ги спасат домовите од пожарот, интервенира и полицијата. Десетици болни и стари лица кои не можеа да се евакуираат беа спасени од огнениот прстен.
Досега се евакуирани жителите на Драфија, Дионис, Агиос Спиридон, детската болница Пендели, Воената болница 414, манастирите Пендели и Свети Ефрем.
Во овој момент пожарот се уште неконтролирано се шири и надежи се полагаат на противпожарната авијација која во текот на ноќта не можеше да интервенира и утрово дојде на помош.
Густ чад ја прекри Атина, небото беше темно, а повеќе луѓе побараа лекарска помош поради респираторни проблеми.