Рампа на траект паднала врз морнари – двајца загинале, а третиот е тешко повреден

Трагичната несреќа се случила денеска околу 15 часот и 30 минути на пристаништето за траекти во Мали Лошињ.

Влезната рампа на траектот Ластово паднала и ги заробила морнарите на Јадролинија. Двајца загинале, третиот е тешко повреден и со хеликоптер бил префрлен во КБЦ Риека.

На местото на несреќата веднаш пристигнала полицијата и брзата помош, но несреќните морнари не можеле да се спасат.

Станува збор за траект кој во 16 часот требало да исплови кон Задар.

Во увидот за овој настан покрај полицијата учествуваат и други надлежни служби за да се утврдат околностите кои довеле до смртта и да се утврдат сите релевантни факти.