Владата ја разреши Афрона Верзиволи, на нејзино место именуван Арбен Рамадани

 

Владата на денешната седница, како што најавија вчера, ја разреши Афрона Вервизоли која беше именувана за вршител на должноста главен резизор на Резизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош.

Разрешувањето на Вервизоли следува откако во јавноста беше објавено дека таа не поседува лиценца за ревизор и дека Европската Унија ќе го преиспита нејзиното именување.

На нејзино место, како што информираат од владината прес-служба, именуван е Aрбен Рамадани кој е самостоен ревизор во Секторот за унапредување на ревизијата.

Како што се наведува во соопштението од Владата, Рамадани непосредно учествува во изработка на стратешки документи, краткорочни и долгорочни стратешки планови во однос на развој на Ревизорско тело и ревизијата и ја следи примената и врши следење на нивното спроведување. Работел и како виш ревизор во секторот за ревизија на ИПА областа.

„За заменик на главниот ревизор на Резизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош Владата го именуваше Иван Игњатов, кој е доктор на економски науки на тема Развој на систем за ревизија и контрола за ефикасно користење на фондовите на ЕУ“ – се додава во владиното соопштение.

Од Владата вчера информираа дека покрај разрешувањето на Вервизоли, ќе има и одговорност за злоупотребите на ИПА-фондовите во минатото и дека пренасочувањето на вниманието кон други теми ќе го толкуваат како бегство од одговорност за ваквите злоупотреби.

„Посочуваме дека е потребно и вниманието да се насочи кон отворените злоупотреби на парите од ЕУ и фондовите ставени на располагање кои беа присутни во изминатиов период а за кој постои и пишан траг и нотификација од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) кои поради таквото работење побаруваат од државата исплата на неколку милиони евра“ – посочија од владиниот кабинет.