Турција повторно дозволи пристап до Инстаграм по девет дена блокирање

Турција вчера објави дека повторно дозволува користење на Инстаграм, откако платформата се согласи да соработува со властите за да ги реши владините приговори.

Турција го блокираше пристапот до Инстаграм на 2 август, велејќи дека не ги почитува турските „закони и правила“ и чувствата на јавноста.

Висок турски функционер го обвини Инстаграм за блокирање на објави за сочувство по убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије.

Турција ги осудува израелските напади врз Појасот Газа, повикува на итен прекин на огнот и го критикува Западот за безусловна поддршка на Израел во неговата војна против Хамас.

Деветдневната блокада предизвика протести на корисниците и малите бизниси кои стигнуваат до нивните корисници преку таа платформа.

Турција е на петтото место во светот во однос на користењето на Инстаграм со повеќе од 57 милиони корисници, по Индија, САД, Бразил и Индонезија, според платформата Statiste.

– По преговорите со претставниците на Инстаграм, ќе ја укинеме блокадата за пристап бидејќи тие ветија дека ќе соработуваат со нас за да ги исполнат нашите барања во врска со каталогот на кривични дела и цензурата наметната на корисниците – објави министерот за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу на платформата X.

Каталогот на кривични дела во Турција вклучува убиства, сексуални напади, трговија со дрога, злоупотреба и тортура.