Зеленски призна дека Украина спроведува офанзива во Курск

Украинскиот претседател Володимир Зеленски за првпат призна дека неговата армија спроведува офанзива во западниот руски регион Курск.

Во своето доцна ноќно телевизиско обраќање во саботата, Зеленски рече дека украинската армија ја турка војната „на територијата на агресорите“, пренесува Би-би-си.

Ова доаѓа пет дена откако Украина ја започна својата операција, која ја изненади Русија и поттикна масовна евакуација од двете страни на границата.

Во Украина, главниот град Киев и регионот Суми утринава беа под руски воздушни напади, соопштија официјални лица. Во Киев загинаа 35-годишен маж и неговото четиригодишно дете, соопшти украинската служба за итни случаи.

Тројца други се ранети, меѓу кои и едно 13-годишно дете, се вели во соопштението објавено на апликацијата за пораки Телеграм.

Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко рано утринава на Телеграм објави дека единиците за противвоздушна одбрана „оперираат“ и ги предупреди цивилите да останат во засолништа.

Во своето саботно обраќање, Зеленски им се заблагодари на украинските „воини“ и рече дека разговарал за операцијата во Русија со високиот воен командант, Олександар Сирски.

„Украина докажува дека навистина може да ја врати правдата и да го обезбеди потребниот притисок врз агресорот“, додаде тој.

Извештаите велат дека украинските војници се закануваат дека ќе заземат регионален град додека се борат на повеќе од 10 километри во Русија – најголем напредок откако Москва ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.