Премиерот Христијан Мицкоски, на својот Фејсбук профил објави дека Царинската управа и Управата за јавни приходи имале рекордни резултати за изминатиот месец јули.
„Ја стабилизираме државата за да почнеме да ја развиваме како што граѓаните тоа го заслужуваат.
Има разлика.
Кога ќе се затворат сите дупки каде што претходно се крадел народот со години, кога институциите ќе функционираат и кога криминалот ќе стане неисплатлив тогаш приходите во буџетот ќе пораснат.
Директорот Бобан Николовски ме извести дека месец јули, Царинската управа бележи рекорд и најдобар резултат од нејзиното постоење со наплатени речиси 12 милијарди денари приходи.
За истиот месец, Управата за јавни приходи со која раководи Елена Петрова наплати 13.4 милијарди денари што исто така е своевиден рекорд. Овие пари значат повеќе инвестиции за градинки, училишта, пристојно здравство.
Лесно може да се извлече заклучокот дека овие пари завршувале во нечии приватни џебови изминатите години. За брзо ќе дојде време да се даде одговор и на ова прашање.
Со домаќинско и одговорно работење за повисок стандард и подобар живот“, напиша Мицкоски.