Вучиќ заинтересиран за изградба на пругата од Коридорот 10

Пругата која ќе ги поврзе Србија од Прешево преку Табановце и Гевгелија со Солун е дел од разговорот меѓу македонската и српската делагација при денешната посета.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, денеска беше во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ.

Во манастирот „Св. Прохор Пчински“ претседателката Сиљановска Давкова беше пречекана од нејзиниот српски колега Александар Вучиќ, со кој во придружба на митрополитот врањски г. Пахомије, го разгледаа манастирскиот комплекс.

„Сигурен сум дека Србија и Северна Македонија ќе ги развиваат понатамошните односи меѓусебно и дека ќе работиме на проектите. На сите во Србија им честитам на Македонците голем празник и нека слават уште многу години“, изјави Вучиќ по билатералната средба.

Тој истакна дека со неа разговарал за политички прашања, за проблемите и интересите на двете земји, но и за пругата до Солун.

„Ја искажав заинтересираноста на Србија да ја градиме пругата до Прешево, а тие оние 190 километри, од Табановце до Гевгелија за да имаме брз пат до Солун, брза пруга и сметам дека тоа би било од исклучително значење“, рече Вучиќ.

Македонската претседателка во изјава за медиумите истакна дека не може да говори за железницата но смета дека предлогот на нејзиниот колега е логичен.

„Сега ќе ве насмеам, но реков дека, ако за време на Отоманската империја овде одел ‘Ориент експрес’, ние денес имаме сериозен проблем. Пругата е прашање на Владата, ние овде имаме претставник од Владата, но сметам дека тоа е логично решение“, изјави Сиљановска Давкова.

Таа оцени дека билатералните односи меѓу двете држави се добрососедски во вистинска смисла на зборот, односи зад кои стои желба за солидарност, за помош и за трајна соработка.

„Јас сум, како што знаете голем заговорник на регионалната соработка. Убедена сум дека ако не се разбираме едни со други и ако не си помагаме, не можеме да очекуваме да бидеме разбрани од останатите. Затоа, треба да сториме се да ги решаваме проблемите меѓу себе, да не дозволуваме на зелени маси да се решаваат, затоа што не случајно живееме едни крај други“, изјави претседателката Сиљановска Давкова.

Таа му се заблагодари на Вучиќ за помошта од Србија во гаснењето на пожарите.