Сите реагенси кои се наоѓаа во исклучените фрижидери се функционални, информираат од ИЈЗ

Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска информираа дека „на ден 31.07.2024 година, беше востановено дека комора и фрижидер на одд. бактериологија во ИЈЗ беа оставени без електрично напојување поради исклучен осигурувач.

После реакцијата истите да се стават во употреба, веднаш е направен увид на подлогите за работа, реагенсите и антибиотиците за антибиограм, од комората и фрижидерот кои беа исклучени од електрично напојување“.

Во соопштението се вели:

„На ден 01.08.2024 беа направени сите неопходни микробиолошки анализи за проверка на квалитетот и исправноста на истите, а за добивање на резултат беа потребни 24 часа.

На ден 02.08.2024, прочитани се добиените резултати и согласно истите се установи дека молекуларните тестови за детекција на голема кашлица, како и подлогите за култивација на бактерии, антибиотиците за изготвување на антибиограми и сите реагенси кои се наоѓаа во исклучените фрижидери, се функционални и може да се продолжи со нормално функционирање на одделението за бактериологија. Воедно преземени се дополнителни мерки за унапредување на биолошката сигурност“.