По објавата на дел од медиумите за инцидент на скопскиот аеродром кој го предизвикал член на обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши, со реакција се огласија од ТАВ Македонија.
Од таму преку соопштение велат дека написите во одредени медиуми дека била загрозена безбедноста на патниците не се точни.
– Сакаме да потенцираме дека авијациската безбедност не беше загрозена, поради тоа што споменатиот инцидент се случи во јавната зона на аеродромот, односно пред пунктот за безбедносна проверка на ВИП-салонот од каде ВИП-патниците откако ќе бидат проверени од Обезбедувањето се упатуваат во безбедносно-контролирана зона на аеродромот, стои во соопштението на компанијата.
Од ТАВ Македонија потенцираат дека ВИП-салонот е посебна зграда изолирана од главната терминална зграда на скопскиот аеродром, што значи дека е комплетно неточно дека била загрозена безбедноста на патниците.