Ангелов: Не палете скара ако одите на излет за 2 август, ова се најтешките пожари што сме ги имале

Денеска во земјава има вкупно 20 пожари на отворено, од кои пет се целосно изгаснати, три се под контрола, а 12 сè уште се активни. Како што кажа денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, ова се најтешки пожари од осамостојувањето на државата.

„Во месец јули сме имале 765 пожари на отворено. Досега сме немале пожари од ваков обем. Затоа, апелирам до граѓаните за време на овој празничен викенд ако се движат во планини и шуми да бидат внимателни да не предизвикаат нов пожар“, рече Ангелов.

Пожарите се гаснат од земја и со авиони, со помош на војници од Армијата.

„Хеликоптер на МВР и српскиот интервенираат во Старо Нагоричане каде има пожар во непристапен дел. Вторниот наш хеликоптер е во Кратово, а двата армиски го гаснат пожарот во Пробиштип. Чешкиот хеликоптер е во Пробиштип и Свети Николе, а ‘ер тракторот’ ќе го пренасочиме да дејствува на линијата помеѓу Свети Николе, Пробиштип, Кратово и Куманово, каде по еден гребен имаме долга пожарна линија. Од земја дејствуваат 160 војници заедно со локални пожарникари, вработени од Национални шуми, а на многу места помага и локалното население и доброволни противпожарни друштва“, кажа Ангелов.

Во текот на денот се очекува да стигна помош од странство, односно еден хеликоптер од Словенија, два „ер трактора“ од Шведска, два „ер трактора“ од Германија и тим од Унгарија од 46 лица со 13 возила од кои три се специјални теренски возила и три противпожарни возила кои можат да се движат по непристапни предели.