Има сигнали од албански политички фактори дека ќе почекаат околу 6 месеци и потоа сериозно ќе го постават прашањето за уставни измени, изјави бугарскиот заменик министер за надворешни работи Иван Кондов, пренесува „Дојче веле“.
„Европската перспектива на РСМ во моментов е блокирана. И она за што добиваме поддршка, е дека РСМ нема да направи ниту еден чекор напред додека не ги исполни барањата што сме ги поставиле. И тоа е големата заштита што ја добиваме.“
Вака одговори заменикот министер за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов, при сослушувањето пред собраниската Комисија за политики за Бугарите во странство, на прашањето како ќе се заштити позицијата на Бугарија.
„Друго прашање е заштита на граѓаните на РСМ кои се со бугарско самосознание. Тоа е посложено прашање за кое вложуваме големи напори, но не лесно“, рече тој.
Раскажа за средба со Бугари во бугарската амбасада, кога дошол по повод самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (одржан во Скопје).
„Многу тажна средба (…) Еден од нив се изрази, можеби малку емотивно, можеби малку преувеличено… Рече: ‘Ние сме како Евреите во Германија на времето'”, раскажа Кондов.
На средбата некој му се пожалил дека негови двајца пријатели сакале да ги избркаат од Армијата затоа што рекле дека се Бугари. Кондов најави дека се обидуваат да организираат нов механизам за заштита за Бугарите, но било тешко.
„Тешко, затоа што властите во РСМ, како да кажам, се многу добро организирани антибугарски. Во моментот кога ќе изникне нешто бугарско, тие го потиснуваат на секаков начин (…) Навистина не е лесна битката. Но тоа што ние можеме да го гарантираме, е барем дека тие нема да одат напред“, вети Кондов.