Како министер нема да отстапам од почитување на законите во форма како што се сега напишани. Ние како министри мора да ги почитуваме законите. Каков било коментар од колегите од „Вреди“ е беспредметен. Се надевам дека и нивната интенција е да се почитуваат законите.
Ова денеска на отворањето на првата од серијата дискусии за реформите во јавната администрација го изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев коментирајќи ги реакциите на коалицијата „Вреди“ за примена на алатката балансер за вработување на припадници на различни етнички заедници во јавниот сектор.
Според Минчев, во законот јасно стои дека алатката баленсер се применува исклучиво на резидентното население што живее на територијата на државата, согласно податоците на последниот попис, па затоа посочи дека нема да отстапи од она што го пишува во законот.
Како што вели тој, во неговите изјави изминатиот период повеќепати посочил дека балансерот воопшто е злоупотребуван, наспроти неговата цел да има правична застапеност на етничките заедници во јавниот сектор.
„Веќе кажав дека балансерот воопшто е злоупотребуван. А тоа значи дека Македонци се пишувале Албанци, Албанци се пишувале Македонци, припадници на другите етнички заедници се пишувале или Македонци или Албанци, со цел да се вработат во јавните институции. Целта на балансерот е да има правична застапеност на етничките заедници“ – рече тој.