Пленковиќ: Драган Приморац ќе биде претседателски кандидат на ХДЗ

Претседателот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и премиер на Хрватска Андреј Пленковиќ изјави дека кандидат на оваа владејачка партија на претстојните претседателски избори ќе биде поранешниот министер за образование Драган Приморац.

Приморац беше министер за наука, образование и спорт во владите на премиерот Иво Санадер од 2003 до 2009 година. Во 2007 година, тој се приклучи на ХДЗ и беше избран во хрватскиот Сабор на листата на дијаспората, но поднесе оставка. Во есента 2009 година се кандидираше за претседател на Републиката, по што автоматски беше исклучен од ХДЗ.

Пленковиќ по седницата на Претседателството на ХДЗ изјави дека Приморац ги има сите квалификации потребни за да ја добие поддршката од мнозинството гласачи, пренесе Хина.

-Зборуваме за човек што добро го познаваме, кој беше член на ХДЗ, угледен научник. Веруваме дека ги има сите квалификации да ја добие поддршката од мнозинството гласачи, рече Пленковиќ.

Хрватскиот премиер додаде дека во прилог на кандидатурата на Приморац говорат и анкетите на јавното мислење, на кои тој добил позитивни оценки од граѓаните.

-Мислам дека во играта што следува тој има големи шанси да стане претседател на Републиката во следните пет години. Во ова ќе ја има поддршката од ХДЗ и голем број други политички партии кои, сигурен сум, ќе бидат подготвени да му се придружат во оваа важна демократска игра, рече Пленковиќ.

Тој изјави дека Приморац ќе биде претседател кој ќе го почитува Уставот, ќе се залага за владеење на правото и ќе соработува со институциите.

-Тоа ќе биде сосема спротивно од она што јавноста беше сведок во претходните години во однесувањето на прекршителот на Уставот, се уште актуелниот претседател Милановиќ, рече Пленковиќ.