Од вторник попладне во Далмација горат неколку пожари. Еден се разгорел кај Скрадин, а потоа кај Тучеп, во месноста Радониќ и кај Метковиќ.
Во средата попладне пожар избувнал во Тучепи и се проширил кон Подгора. Во Подгора Село, во населбите Шќекиќи и Мариновиќи, 317 пожарникари од Макарска ривиера и од целата област со 70 возила цела ноќ го гаселе пожарот, а на помош им дошле колеги од други делови на Хрватска.
Поради пожарот затворен е државниот пат DC512 од Макарска до тунелот Ступица, во градот Горњи Тучепи, извести денеска Хрватскиот авто клуб (ХАК).
На повеќето патни правци сообраќајот се одвива без посебни забрани, освен на делниците каде работите се во тек.
Зголемен е сообраќајот на граничниот премин Бајаково каде колона патнички и товарни возила во правец кон Република Србија е долга околу 3 километри.
Синоќа пожарот се приближил на 20 метри од куќите, а во текот на вечерта биле евакуирани туристите кои престојувале во Подгора Село. Пламените јазици биле високи и до 30 метри, додека жителите на Подгора останале во своите згради бранејќи ги со истурање вода.