Дали и како може да се ослободат од затвор осудените за собранискиот пуч? Професорот Гордан Калајџиев за „Трилинг“ вели дека се размислува за два пристапи.
– Едниот е да оди преку помилување, што по мене е поедноставен, односно претседателката на државата да ги помилува. Сега слушаме дека тие не сакаат да бидат помилувани. Тука и Законот не ни предвидува нивна волја, дали тие сакаат или не сакаат да го остават на суверенот на претседателот. Другиот би било ако сакаат да се испочитува таа нивна волја, преку форма на некое ново судење. Еиднствено што го гледам јас како опција е преку иницијатива на државното обвинителство и правен лек барање на заштита на законитоста, бидејќи тоа во нашиот систем е најширок правен лек и самото обвинителство во некој случај утврди дека имало грешка, признае и грешка сопствена. Може да бара врз основа на одредени повреди што ќе ги утврди дека се сторени, Врховниот суд да одлучи врз основа на овој правен лек. Мислам дека тоа практично е и вториот начин, затоа што повторување на класична постапка е можно само ако имаме нови факти или докази, а ние такво нешто немаме, истакна Калајџиев.
Може ли да се очекува враќање на Груевски и правно да биде рехабилитиран?
– Роковите си течат, животот оди понатаму и не би се чудел да дојде време. Не сум седнал да правам математика, не ме интересирало, но мислам дека не е невозможно да поминат роковите и да се врати Груевски. Не знам кои постапки му останаа како можни да се водат, но гледаме дека добар дел од делата со измените во КЗ застареа и во суштина застарувањето беше најлошата последица од целата приказна, додаде Калајџиев.