Пендаровски: Направивме попис со сите нишани!

„Самиот факт што имаме попис после цели 20 години е успех сам по себе. Направивме попис со сите нишани, кој не отстапува од традицијата на направени пописи што ја имавме и ние и регионот и континентална Европа, во изминатите неколку децении. Не станува збор за попис најдобар во историјата на Европа, туку станува збор за попис кој ги запазува највисоките стандарди за попишување што ги има ЕУ“. Ова денеска го изјави претседателот на државата – Стево Пендаровски.

По барање на новинарите за коментар околу „оние 7 проценти, кои предизвикаа најмногу контроверзи“, Пендаровски посочи дека секогаш има контроверзи, особено кај нас на балканскиот регион, каде сме измешани и во религиозна и од политичка смисла.

Тој наведе дека она што го знае од разговорите со неколку експерти, не постои попис воопшто во Европа и пошироко, кој нема одредена бројка на лица кои не се опфатени со пописот.

„Кај нас значаен дел, тие седум и колку проценти кои не се опфатени, за жал се резултат на бојкотот на политички субјекти. Очигледно е дека тоа имаше ефект во одредени делови од државата. Се разбира дека не треба да се исклучи како дополнителен фактор за тој процент и пандемијата“ –  изјави Пендаровски.

Претседателот се осврна и на тоа дека постоеја и попишувачи кои беа со специфична опрема, со сите протоколи, а дел од нив работеа и подоцна во тој временски период и надвор и не влегуваа во куќите и становите на граѓаните.

„Но, претпоставувам дека и првиот момент повикот на бојкот кој беше експлицитен од страна на некои парламентарни партии и целата ситуација околу Ковидот, придонесе дел од граѓаните да не ги отворат вратите од своите домови“ – изјави шефот на државата.